Фудбалскиот клуб Вардар соопшти дека в недела, со почеток во 12 часот, во Дијамантската сала на хотелот „Хилтон“ ќе се одржи комеморативна седница посветена на Васил Рингов, една од најголемите фигури во македонскиот фудбал. Рингов почина пред три дена (23 декември), по кратко боледување, на 70-годишна возраст.
Од редовите на најтрофејниот македонски клуб упатија отворена покана до целата фудбалска јавност, навивачите на Вардар и сите што го почитуваа ликот и делото на Васе Рингов да присуствуваат на настанот и заеднички да му оддадат последна почит на легендата на клубот и македонскиот спорт.
„ФК Вардар ги поканува сите љубители на фудбалот, навивачи на клубот, почитувачи на Васе Рингов да присуствуваат и да му одадат почит на една од најголемите фудбалски легенди на клубот и државата“, информираат од таборот на Црвено-црните.

