Тренерот на Барселона, Ханси Флик, на ден пред мечот против Атлетико Мадрид во Купот на Шпанија го прослави својот 60-ти роденден, а веројатно најголемото изненадување го доби од каталонскиот „Спорт“, кој ексклузивно објави дека Барселона планира да му го продолжи договорот.
„Во Барселона се јасни: сакаат континуитет со Ханси Флик, чиј договор истекува во 2026 година. Германскиот тренер досега беше внимателен околу својата иднина, но клубот сака да му испрати порака за целосна доверба и да му понуди договор до 2028 година. Сите во екипата веруваат дека Флик уште во својата прва сезона покажа дека е идеалниот тренер за водење на долгорочниот проект“, пишува „Спорт“.
Сепак, има еден проблем, а тоа се претседателските избори во Барселона во 2026 година, по кои Лапорта не е сигурен дека ќе добие нов мандат, но и за тоа има план.
„Лапорта не знае дали ќе победи на изборите и не сака да ја одредува иднината во која нема да го има последниот збор. Договорот треба да содржи клаузула според која доколку дојде нов претседател, да може да одлучи за иднината на Флик. Освен тоа, тука е и финанскиот ферплеј и Барселона мора да провери како ќе изгледа по ова прашање во блиска иднина“, додава „Спорт“.