Барселона ги прави последните подготовки пред утрешниот меч против Селта Виго во рамките од Примера дивисион, а тренерот Ханси Флик одговараше на новинарски прашања. Неодамна се проширија шпекулации дека атмосферата во соблекувалната на каталонскиот гигант не е добра и дека може да се случи тренерот Флик на крајот од сезоната да си замине.
Наводно, Флик се скарал со Ламин Јамал затоа што тинејџерот задоцнил на тренинг, а германскиот стратег решил да го казни со тоа што нема да го стави во стартниот тим на дуелот против Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите. Дури морало да реагира и спортскиот директор Деко за Јамал да биде вратен во стартниот тим, па тој започна од првата минута.
Сите овие шпекулации, Флик жестоко ги демантираше.
„Прво да ве прашам од каде ви се тие информации? Извинете на изразот, но тоа е ср*ње. Кој и да ги кажал тие работи, тоа е голема лага. Тоа никогаш не се случило. Со Деко и со останатите во клубот имам одлични односи и меѓу нас постои големо почитување. Тоа што го зборувате е глупост. Кој и да ви кажувал, ве лажел“, рече Флик.
Јамал против ПСЖ играше во стартниот состав, но, за жал на Флик и на навивачите на Барселона, младата ѕвезда повторно се повреди и сега сигурно нема да игра против Селта Виго. Се прават напори Јамал да биде подготвен за големото дерби против Реал Мадрид кое ќе се игра на 26 октомври.