Флик го отпиша ПСЖ: Не се смени ништо од ланското финале

Ханси Флик му донесе големи успеси на Баерн, а ланската сезона титулите се нижеа во богатата колекција со трофеи на Баварците, па сега тренерот на актуелниот европски првак очекува реприза.

И интересно е што ќе има реприза од ланското финале во Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен што се играше во август, а го доби Баерн со 1:0.

Утре истите ривали во Минхен ќе го почнат двомечот од четвртфиналето во Лигата на шампионите, а Флик не верува дека нешто драстично може да се смени.

„Нов меч, ПСЖ има и нов тренер, но во суштина ништо не се промени драстично од ланското финале во август. Мануел Нојер беше извонреден на тој дуел и не знам дали потсвесно тоа ќе биде проблем за ривалот од Париз, но знам дека имаме голман од светска класа“, вели Флик.

Сега сепак новата средба меѓу Баерн и ПСЖ ќе биде малку поинаква од ланското финале бидејќи се играат два меча, а Баварците ќе го немаат во составот најдобриот светски играч, Роберт Левандовски.

За првиот дуел утре од 21 часот во Минхен домаќините нема да можат да сметаат и на Серж Гнабри, но и ПСЖ има проблеми, пред сè со неиграњето на Верати, Икарди, Курзава, Паредес и Флоренци.

 

- Оглас -

Најнови вести