11.8 C
Skopje
четврток, 6 ноември 2025

Флик го запали алармот: Мора да се најде решение за проблемите

Барселона се спаси од пораз на гостувањето кај Бриж во рамките од четвртото коло во Лигата на шампионите, а конечниот резултат беше 3:3. Бриж дури трипати водеше, а Барселона израмнуваше.

Пред крајот на средбата, Бриж даде и четврти погодок, кој потоа беше поништен поради фаул над голманот, одлука на судијата со која не се согласува светската легенда Ван Бастен.

По мечот во Белгија, тренерот на Барселона, Ханси Флик, беше многу лут и разочаран од перформансот на своите играчи, посебно кога требаше да се брани.

„Беше тежок натпревар. Барселона создаде шанси, но противникот се бранеше добро и беше агресивен. Не притискавме доволно и загубивме многу дуели, особено на средината на теренот. Тешко е за дефанзивците да си ја завршат работата во ваков натпревар. Мораме да работиме на тоа и темелно да анализираме сè. Мораме да играме поинтензивно без топката, да бидеме внимателни и да не дозволиме тимовите да создаваат шанси со еден или два допира. Мораме да се браниме не само во одбраната, туку и на средината на теренот. Мораме да се подобриме во оваа фаза од играта“, рече Флик.

Флик е решен да најде решение за проблемите со одбраната на Каталонците.

„Можеме да се држиме до ниска блокада или да се држиме до нашиот стил и да се подобриме. Кога нема интензитет, немате други опции во Лигата на шампионите. Бриж се покажа многу добро, како што очекував, и тоа им го кажав на играчите. Резултатот од 3:3 не е најдобриот резултат за нас, но позитивната работа е тоа што успеавме да се вратиме откако тие водеа трипати“, заклучи стратегот на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести