Тренерот на Барселона, Ханси Флик, сигурно ќе остане на клупата на тимот и следната сезона доколку на претседателските избори победи актуелниот прв човек Жоан Лапорта. Но, ако не победи Лапорта, тогаш големи се шансите Флик да си замине, објавија шпански медиуми.
Главен противкандидат на Лапорта е Виктор Фонт, кој рече дека сака Флик да остане тренер, но самиот германски стручњак не е сигурен дали ќе сака да остане ако клубот добие нов претседател.
Ако победи Фонт, сигурно ќе треба да си оди спортскиот директор Деко, кој е близок со Флик.
Поддршката од Флик може да биде силен адут на Лапорта, нешто слично како што доби поддршка од Лионел Меси пред претходните избори. Овојпат Меси реши да не се меша. Брзо по тие избори, односот на Меси и Лапорта драстично се влоши, па Аргентинецот беше ослободен да оди во ПСЖ иако сакаше да остане во Барса.

