Флик откри кој ќе биде прв голман на Барселона: „Тоа е моја одлука и нема дискусија“

Барселона во минатото коло против Валенсија конечно успеа да ја прекине лошата серија во Ла Лига, и се очекува тимот на Флик утре да продолжи во ист ритам.

На „Монжуик“ пристигнува Алавес, кој оваа сезона воопшто не блеска и се наоѓа во зоната за испаѓање, па и на гостите очајно им се потребни бодови.

Пред утрешниот натпревар, беше одржана прес-конференција на која Флик порача дека неговиот тим го очекува тежок дуел и дека немаат право на кикс доколку сакаат да останат во борбата за титулата во Шпанија.

„Секој натпревар е тежок на свој начин, па така и утрешниот против Алавес. Сепак, сакаме да ги освоиме сите три бода. Мораме да бидеме многу внимателни против нив, познати се по тоа што добро ги отвораат своите натпревари“, изјави Флик.

„Мораме да се прилагодиме на распоредот на натпреварите. Одиме чекор по чекор, фокусирани сме на утрешниот меч. Важно е да имаме глад за победа на секој натпревар. Нема да биде лесно против Алавес“.

Сепак, она што привлече најголемо внимание беше одлуката на Флик јавно да објави кој ќе биде првиот голман на Барселона, откако денови наназад се шпекулираше за тоа.

Иако Ињаки Пења беше прв избор по повредата на Марк-Андре тер Штеген, од почетокот на јануари главно бранеше Војчех Шченсни, а така ќе остане до крајот на сезоната.

„Војчех Шченсни е мојот стартер на голот. Тоа е моја одлука и нема дискусија“, јасен беше тренерот на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести