Осмопласираната екипа од германската Бундеслига, Борусија Дортмунд, е противникот на Барселона во четвртфиналето на Лигата на шампионите, па многумина Каталонците ги гледаат како сигурни полуфиналисти. Сепак, германскиот тренер на клупата на Барселона, Ханси Флик, вели дека мора цврсто да останат со двете нозе на земја, а желбата на сите во клубот е да ја продолжат низата без пораз во 2025 година.
„Можеме да сонуваме, но мора со двете нозе цврсто да останеме на земја. Може да се осврнеме на она што го направивме, но тука не е крајот. Сакаме оваа година да останеме непоразени, но мора да одиграме максимално и против овој противник. Борусија Дортмунд има одлични фудбалери, не се случајно во четвртфиналето. Се обидуваме да застанеме на нозе по репрезентативната пауза, она што го гледам на тренинзите е исто како и претходно“, рече тренерот на Барселона, Ханси Флик.