Ханси Флик во првата сезона на клупата на Барселона успеа да освои три трофеи. По освојувањето на шпанскиот Супер куп, следуваше трофејот и од Купот на Шпанија, а на крајот и титулата во Ла Лига.
Она што е за истакнување е фактот дека Барселона оваа сезона го победи Реал Мадрид на сите четири меѓусебни дуели и сите беа одлучувачки за трофеите.
„Овој пораз не е проблематичен. Сега е време за прослава. Фудбалерите завршија одлична работа во последните пет месеци. Никогаш не барам изговор, но игравме во четврток, славевме во четврток навечер, но и во петок. Сепак, задоволен сум од начинот на којшто игравме против Виљареал. Имавме шанси и да победиме. Сега е најважно навивачите да бидат горди на нас и на она што го постигнавме во оваа фантастична сезона. Видов среќни лица, видов и навивачи кои плачеа од среќа. Направивме одлична работа, но имаме и одговорност за следната сезона. Нашето само што започна. Следната сезона треба да бидеме многу подобри, а имаме потенцијал за тоа. Никогаш не се откажуваме, тоа е нашиот менталитет“, рече Ханси Флик по доделувањето на трофејот од Ла Лига.