Барселона се намачи пред своите навивачи, но на крајот стигна до победа над Жирона со 2:1 во каталонската пресметка. Жирона се покажа како повеќе од достоен противник на Барселона, која до триумфот стигна со гол во 90+2 минута.
Роналд Араухо кој влезе како резерва во второто полувреме е херој на мечот, затоа што беше стрелец на погодокот кој обезбеди три бода за Барселона. Неколкуи минути пред тој погодок, тренерот на Барселона, Ханси Флик беше избркан од теренот поради црвен картон. Ова исклучување на Флик значи дека германскиот стратег нема да може да го води тимот на следниот меч, а тоа е големото Ел Класико против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.
И покрај хендикепот дека нема да го води тимот на дербито против Реал, Флик беше задоволен што неговиот тим победи против Жирона.
„Беше фантастичен натпревар. Многу е важно за во иднина да видиме како ги освоивме трите бода. Тоа ни дава самодоверба и многу сум среќен за тимот. Создадовме многу шанси, но, да бидам искрен, и Жирона создаде многу во првото полувреме. Следните неколку натпревари се многу важни за нас“, вели Флик, кој едноставно ја направи вистинската замена коаг во игра го внесе Араухо.
„Многу сум среќен за Араухо. Неговиот став кога игра и она што го дава на овој клуб и на овој тим е многу вредно“, додаде тренерот на Барселона.