Јасно е дека германскиот голман Марк-Андре тер Штеген нема иднина во Барселона. Во клубот се лути на неговото однесување и сметаат дека работи против интересите на клубот, а сè започна откако Каталонците го ангажираа Жоан Гарсија од Еспањол, кој го доби статусот на прв голман.
Војќех Шченсни ќе биде резерва, а Тер Штеген дури трет голман, ако и воопшто биде во составот. Германецот потоа се одлучи да оди на нова операција на грбот и најави дека ќе паузира три месеци, што не им се допадна на Каталонците бидејќи тој останува на листата со регистрирани фудбалери, а одби да биде продаден, односно да си замине.
Сега Германецот ќе остане и без капитенската лента, а Ханси Флик објасни кога и на кој начин ќе се случи тоа.
„Екипата е таа која одлучува кој ќе биде капитен и така било отсекогаш во Барселона. Ќе видиме што ќе се случи. Обично за тие работи разговараме седум дена пред почетокот на новата сезона, па така ќе биде и овојпат“, вели Ханси Флик.