Флик за роденден доби подарок пенкало, а Румениге му кажа: Со него понекогаш се потпишуваат документи

На еден ден пред гостувањето во Лондон, каде што Баерн Минхен лесно го совлада Челзи со 3-0 во првата осминафинална пресметка во ЛШ, во таборот на Баварците се славеше 55-тиот роденден на тренерот Ханс-Дитер Флик. За роденденот Флик доби подарок пенкало од претседателот на управниот одбор Карл-Хајнц Румениге, кој му посочи дека понекогаш пенкалото се употребува за потпишување документи.

Меѓу редови, Румениге откри дека клубот подготвува нов договор за тренерот кој ја доби задачата да гаси пожар по отказот на Нико Ковач. Под палката на Флик, Баерн почна да игра многу подобро што може да се забележи во резултатите, а против Сините германскиот првак делуваше незапирливо.

„Драг Ханси, ти посакувам сè најдобро. За оние кои не знаат што се наоѓа во пакетчето, тоа е пенкало со кое тука во Баерн понекогаш се потпишуваат документи. Продолжи да си ја вршиш работата како што треба и остани каков што си. Ние сме задоволни со резулатите и како игра екипата со тебе“, истакна Румениге на прославата.

Флик требаше да биде привремено решение додека не се донесе адекватен стратег, но управата одлучи да му даде шанса до крајот на оваа сезона, а сега може да се задржи и на подолг период. Баерн е на прагот да се пласира во четвртфиналето од ЛШ, и натаму е во битка за трофејот во германскиот Куп, како и од лидерската позиција е на пат да ја одбрани титулата во Бундеслигата.

- Оглас -

Најнови вести