Крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Мајкл Олисе, се наметнува како едно од најжешките имиња во пресрет на летниот преоден рок. Францускиот репрезентативец, кој блеска во дресот на баварскиот гигант оваа сезона, веќе е на радарот на европските великани, а најконкретен интерес покажува Реал Мадрид.
Клучен момент за зголемениот интерес беше неговиот впечатлив настап на „Сантијаго Бернабеу“, каде што Олисе одигра значајна улога во победата на Баерн од 1-2 во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите. Тој асистираше за вториот погодок на Хари Кејн, со што дополнително го сврте вниманието кон себе.
Претседателот на Кралевите, Флорентино Перес, е импресиониран од формата на Французинот и подготвува офанзива за негов ангажман. Се споменува понуда во вредност до 200 милиони евра, заедно со бонуси, иако задачата да се убеди Баерн да го продаде ќе биде исклучително тешка.
Од Минхен испраќаат јасна порака, дека Олисе не е на продажба. Напротив, челниците на баварскиот клуб имаат намера да му понудат нов, подобрен договор.
Интерес за офанзивецот покажува и Ливерпул, кој наводно подготвува понуда повисока од 170 милиони евра.
Под водство на тренерот Венсан Компани, Мајкл Олисе се профилираше како еден од највлијателните играчи во тимот. Во тековната сезона има ефект од 16 голови и 24 асистенции во сите натпреварувања, што јасно ја потврдува неговата класа и објаснува зошто е цел на најголемите клубови во Европа.

