Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, без влакна на јазикот и без никаква задршка, одржа жесток говор на денешното Генералн собрание на Кралскиот клуб.
Перез не поштеди никого, од УЕФА, па до шпанската фудбалска федерација, раководството на лигата, судиите, како и ривалот Барселона. Од друга страна Флорентино се пофали дека приходите во минатата сезона биле над 1,1 милијарди евра. Но, најголемо внимание предизвикаа критиките.
„Не е дека сме против сè, туку се спротивставуваме на она што е нелегално или неетичко. Не е ниту нормално ниту легално да се обидуваме да ги спречиме клубовите да организираат свои турнири. Не е нормално УЕФА да се обидува да ни ја диктира судбината и да нè принудува да играме во формати на натпревари што им штетат на навивачите. Kлубовите се слободни, имаме право да бидеме обесштетени за штета во износ од милијарди евра и правото да го водиме сопственото натпреварување, и ве уверувам дека ќе ги оствариме обете. Не е нормално што во 21 век гледањето фудбал станува сè поскапо.“

„Не е нормално претседателот на Ла Лига и претседателот на Шпанската фудбалска федерација, кои се оние кои треба да го обезбедат интегритетот на натпреварувањето, да промовираат натпревар што ја нарушува лигата. Не е нормално тие да ја поддржуваат Барселона која има предност да игра еден натпревар помалку на гостински терен. Дури и нивниот капитен, Френки де Јонг, не мисли дека ова е нормално“
„И продолжувам. Нивото на шпанското судење исто така не е нормално во лига која се фали дека е една од најдобрите лиги во светот. Срам за шпанскиот фудбал е што од 35-те судии на теренот избрани за неодамнешното Светско клупско првенство, ФИФА не избра ниту еден шпански судија. Ниту еден“
„И, секако, не е нормално Барселона да му плаќала на потпретседателот на судиското здружение повеќе од 8 милиони евра најмалку 17 години. Период кој се совпаѓа со најдобрите спортски резултати на Барселона во нашата земја. Билансот на Барселона на црвени картони во времето на Негрира беше +49, а на Реал Мадрид -1. Извлечете ги сопствените заклучоци“.
Не е нормално што раководството на Ла Лига сега заработува повеќе од 6 милиони евра годишно. Тие заработуваат многу повеќе од раководителите на Премиер лигата, иако Премиер лигата генерира многу повеќе приходи од Ла Лига. Нема објаснување за ова“, кажа меѓу другото Перез.

