Селекторот на Австрија, Франко Фода, веќе има сигурни осуммина стартери за дуелот со Македонија на 13 јуни во Букурешт, а останаа уште три дилеми, меѓу нив и најголемата главоболка, дали од почеток ќе игра најдобриот стрелец на нашиот прв ривал.
Настапот на Марко Арнаутовиќ како стартер е под знак прашалник, најмногу поради повредата со бутниот мускул. Стрелецот на 26 гола во дресот со националните бои, што го рангира како седми голгетер во историјата на австрискиот фудбал, играше на последниот тест против Словачка.
Марко доби 30 минути како резерва и веднаш покажа дека е најдобар напаѓач што во моментов го има Австрија, но Фода стравува дали е потполно фит.
Според австриските медиуми шанса да почнат против Македонија ќе добијат голманот Бахман, потоа и Улмер, Лајнер, Хинтерегер, Драговиќ, Алаба, Сабицер и Баумгартнер.
Неизвесно е дали и капитенот Баумгартлингер ќе игра од стартот на дуелот со Македонија и дали можеби заедно во нападот ќе почнат Калајџиќ и Арнаутовиќ.