Фонсека по вториот пораз на Милан во ЛШ: Тоа беше нашиот најдобар натпревар

Милан синоќа го претрпе вториот последовен пораз во Лигата на шампионите, откако загуби со 0-1 на гостувањето кај Баер Леверкузен, но за тренерот Пауло Фонсека, тоа е најдоброто нивно издание откако тој го презеде тимот летово.


Милан е под притисок по првите два натпревари во ова натпреварување, бидејќи претходно загуби и од Ливерпул, но португалскиот стратег останува позитивен во оценката за играта на тимот.

„Не победивме, но ова беше нашиот најдобар натпревар откако сум тука. Особено во второто полувреме. И одигравме фантастичен натпревар, не е лесно против тим како Баер. Тажни и разочарани сме од резултатот, но задоволен сум од покажаната храброст и форма“, изјави Фонсека за „Скај Спорт“.

Тренерот на Милан имаше забелешки за недосудена пенал ситуација во последните минути, кога дефанзивец на Баер Леверкузен имаше контакт со Рубен Лофтус-Чик на работ од шеснаесетникот.

„Според мене, тоа беше пенал. Чудно е што дури и не ја прегледаа ситуацијата. Но, не сакам да зборувам за судијата“, додаде Фонсека.

- Оглас -

Најнови вести