Пауло Фонсека, тренерот на Лион, го анализираше поразот со 4-5 од Манчестер јунајтед на Рубен Аморим на „Олд Трафорд“. Францускиот тим започна несигурно, но успеа да ја смени насоката и да дојде на прагот на голем триумф иако играше со десетмина. Сепак, Црвените ѓаволи направија епски пресврт во последните минути.
„Мислевме дека сè е решено. Особено со играч помалку, Манчестер јунајтед доби пенал и ние го изгубивме емоционалниот баланс. Почнаа да ја нафрлаат топката во нашиот шеснаесетник и беше тешко да се контролира ситуацијата. Искрено, мислам дека Лион заслужи повеќе. Всушност, и на двата натпревари заслуживме повеќе. Тимот што победи продолжува понатаму. Честитки и најдобри желби за Рубен и за Манчестер јунајтед“, изјави Фонсека за медиумите, пренасочувајќи го вниманието кон завршницата од сезоната во Лига 1, каде Лион се бори за место што води во Лигата на шампионите.
„Сакавме да стигнеме до финалето на овој турнир. Докажавме дека беше можно, дури и против Манчестер јунајтед. Сега треба да се фокусираме на крајот од сезоната. Се наоѓаме во позиција што мислам дека е поволна за нас. Но, имаме уште шест натпревари. Игравме напорни продолженија, а за два дена нѐ очекува ново дерби. Ќе ги рехабилитираме играчите и ќе продолжиме по нашиот пат, верувајќи дека покажавме квалитет за да ги оствариме нашите цели“, заклучи тој.