Фонсека: Суспензијата е неправедна, тврдам дека не го допрев судијата

Тренерот на Лион, Пауло Фонсека, првпат јавно проговори по строгата казна што му беше изречена – забрана за влегување во соблекувалната пред и по натпреварите до 15 септември и суспензија од водење на тимот до 30 ноември.

Фонсека повторно нагласи дека не го допрел судијата Беноа Мило за време на инцидентот на натпреварот против Брест, иако направи движење со главата кон него.

„Што можам да кажам? Ова е многу неправедно. Повторно тврдам дека воопшто не го допрев судијата. Не стануваше збор за физички напад. Но, ја имам поддршката на клубот, а тоа е најважно. Стојат зад мене моите играчи и навивачите. Дали сум подготвен да работам во вакви услови? Да, ова е нова ситуација и ќе бараме начини како да се справиме. Денот на натпреварот е важен, но исто така и подготовките во текот на неделата“, изјави Фонсека за „Канал Плус“.

Оваа суспензија не важи за меѓународните натпревари, па португалскиот стратег ќе може да го води тимот во европските дуели.

Лион веднаш најави жалба на одлуката, а сопственикот Џон Текстор јавно изрази поддршка за својот тренер.

- Оглас -

Најнови вести