Формула 1 официјално соопшти дека поради пандемијата на корона-вирусот, дефинитивно се откажани трките во Сингапур, Азербејџан и Јапонија. Гран-при викендот во Јапонија нема да се вози поради ограничувањето во патувањата во таа земја, а на патеките на улиците во Сингапур и Баку потребна им е реконструкција и за таа поправка ќе треба повеќе време.
Првата трка од годинешниот шампионат треба да се вози на 5 јули во Австрија. Првите осум трки ќе се возат во Европа и нема да има публика на трибините. Да не беше корона-вирусот, сезоната ќе почнеше на 15 март во Австралија.
Во Формула 1 се надеваат дека годинава ќе има најмалку 15 трки, а засега се потврдени само осум, последната на Монца на 6 септември.
Ако биде така како што се планира, сезоната во Ф1 ќе заврши во средината на декември, со трката во Абу Даби. Календарот ќе се утврди пред трката во Австрија.