На 90-годишна возраст, почина британскиот возач Стирлинг Мос. Тој е човекот кого го сметаат за еден од најдобрите кои не успеале никогаш да станат светски прваци. Мос беше клупски колега на Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо во тимот на Мерцедес. токму Фанџо дури пет пати успеа да стане светски првак, а Мос ја имаше таа несреќа да биде негов партнер и да не може да биде пред Аргентинецот.
Британецот дури четири сезони има завршувано како втор во генералниот пласман (1955, 1956, 1957 и 1958 година), а три сезони беше на третото место, што е рекорд за возач кој никогаш не успеал да стигне до светската титула. Поради фактот дека бил одличен возач, но не успеал да биде крунисан за шампион, го доби прекарот Крал без круна. Тој ќе биде запамтен како првиот Британец што победил на ГН на Велика Британија и тоа во 1955 година.
Мос ќе остане запамтен и по својот фер плеј потег од 1958 година, кога можеше да стане светски првак. Британецот за еден бод не стана првак и остана зад Мајк Хавторн. Токму Мос беше тој кој побара судиите да му ја тргнат дисквалификацијата на Хавторн на трката за ГН на Португалија.
„Чувствував дека не е правилно и дадов доказ кој беше во корист на Мајк. Реков дека тој не требаше да биде дисквалификуван ан таа трка. Ако му беа одземени тие бодови на Мајк, јас ќе бев првак“, изјави Мос во едно интервју од пред 10-тина години.
Кариерата на Стирлинг Мос заврши во 1962 година кога доживеа тешка несреќа. Повеќе од еден месец Мос помина во кома, а шест месеци беше парализиран, за да успее целосно да закрепне и да живее 90 години.