Пандемијата од корона-вирусот направи големи проблеми во спортот, а едни од најпогодените се мотоспортовите. Според календарот, март е период кога почнува новата сезона, но овојпат тоа не се случи. Токму во март започна пандемијата со опасниот вирус, па првата трка која требаше да биде во Австралија беше одложена само на 48 часа пред стартот.
По тоа одложување, почнаа да се редат голем број одложувања и сезоната уште не е започната. Според моменталниот календар, до крајот на сезоната остануваат само уште осум трки, што е премалку за една нормална сезона. Тие осум трки би требало да се извозат во 10 недели.
Само пред три дена и официјално беше потврдено дека се одложени трките во Сингапур, Азербејџан и Јапонија. Првата трка од годинешниот шампионат треба да се вози на 5 јули во Австрија. Првите осум трки ќе се возат во Европа и нема да има публика на трибините. Да не беше корона-вирусот, сезоната ќе почнеше на 15 март во Австралија.
Како опција за место каде би можело да се вози трка е Португалија, и тоа во местото Алгарве. Тоа е едно од ретките места во цела Европа каде што не е забележан ниту еден случај на корона-вирусот, што значи дека гарантира здравствена безбедност за учесниците. Трката во Португалија би требало да се одржи викендот за кога беше закажана трката во Сочи, која исто така е одложена.