Македонските фудбалски репрезентативци го имаа првиот тренинг вечерва пред двата последни квалификациски дуели за настап на Мундијалот во Катар, против Ерменија во Ереван на 11 ноември и со Исланд три дена подоцна во Скопје.
И две победи не се гаранција дека ќе успееме да се избориме за дополнителни бараж мечеви, односно за втората позиција, бидејќи првата и директниот пласман на Светското првенство е веќе резервирана за Германија.
Ни требаат две победи и кикс на Романците, кои ќе играат со Исланд во Букурешт на 11 ноември и со Лихтенштајн во Вадуз на 14 ноември.
Сепак, треба да се обидеме и да го завршиме нашиот дел од работата и да ги победиме двата последни ривали во квалификациите за да чекаме добри вести од Букурешт и од Вадуз.
Селекторот Благоја Милевски има многу проблеми со повреди на дел од стандардните репрезентативци, па за последните два меча ќе ги нема на располагање Аријан Адеми, Адис Јаховиќ и Ердал Ракип.
За првпат во репрезентацијата е Доријан Бабунски, а дополнително повикан е и Енур Тотре, па и покрај проблемите, ќе мора да се атакува на шест бода во завршницата на овој циклус.