Фотографиите му се уметност – Му позираа Џорџ Буш, Шевченко, Пандев…, тука е и тројката на Илиевски, сега е на ред и добитен хуманитарен тикет (Фото)

Познатиот спортски фотограф Петр Стојановски е гостин на Спорт Манија во стандардната содржина Хуманитарен тикет и ќе се обиде да стигне до прецизно погоден тикет што носи над 200.000 денари, кои ќе заминат како помош на социјално загрозените категории на луѓе во Македонија.

Перо е една од легендите на спортската фотографија во Македонија, а има интересна приказна што следи во продолжение.

„Од љубопитност почнав да фотографирам, и тоа на почеток на трибина со навивачите на Вардар. Што се вели, висев на стадион и некаде во 1989 година се погоди на училиште да ми донесат колажи од навивачките групи на Црвена ѕвезда и на Партизан, познатите „Делии“ и „Гробари“ и си помислив зошто и ние да немаме свои фотографии од трибина на натпреварите на Вардар“, ја почнува својата приказна Стојановски.

ПРВИОТ АПАРАТ Е „СМЕНА 8“ И ТОА ПОЗАЈМЕН, СЕГА ИМА КОЛЕКЦИЈА ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИЗБРОИ

„Позајмив апарат „смена 8“ од мојата братучетка и така почна приказната за мојата кариера како фотограф. Едноставно се заразив, а иако работам и фотографирам и политички, економски и други настани, прва и најголема љубов ми се спортските фотографии.

Во последните години од минатиот век се отвори првиот спортски весник кај нас, „Македонски спорт“, и таму ги правев првите професионални чекори, а потоа долги години бев спортски фотограф во „Утрински весник“.

Петар е една од македонските легенди на спортската фотографија со преубава и пребогата колекција фотографии, а вели дека ниту самиот не знае колку „слики“ има во својата колекција.

Моментно е вработен во „Вечер“ и над 20-годишната професионална кариера продолжува, како што вели, со истата страст како и на почетокот.

„Имам фотографии од спортови што се реткост кај нас, а токму тие се најтешки. Бев поканет од Британска бизнис групација да сликам крикет, па искрено морав и да си прашам за да се запознаам подетално со правилата на играта. Многу е полесно да фотографираш фудбал, ракомет, кошарка отколку помалку застапени спортови, но имам плејада и такви настани. Уметничко лизгање, бокс на Златен гонг, Премиер лига во карате, секако, не се пропушта Илинденскиот кајак на Матка, Кендо, коњички спортови и уште многу други спортски настани“, вели нашиот гостин во стандарната содржина на Хуманитарниот тикет.

МУ ПОЗИРАА ЏОРЏ БУШ, ШЕВЧЕНКО, ПАНДЕВ…, ЈА ИМА И ЛЕГЕНДАРНАТА ТРОЈКА НА ИЛИЕВСКИ, ЖАЛИ САМО ЗА ПЛАНИЦА

Професијата е тешка, како што вели, но и возбудлива, па имал средби со светски познати личности.

„Тешко ми е да одберам најфотографија, но еве како најтазе настан веднаш да кажам дека простувањето на Горан Пандев од репрезентативниот дрес во Амстердам ми мина со грутка во грлото. Мислев дека сум отрпнал на такви работи, но Гоче е легенда во светски рамки, па некако ме преплавија емоциите.

„Би го истакнал и Џорџ Буш, поранешниот американски претседател што го фотографирав во Загреб. Беше гостин на состанок на Јадранската група и буквално бев на еден чекор до него, иако имаше силно обезбедување. Тројката на Влатко Илиевски во Вилнус, кога во четвртфиналето на ЕП во кошарка ја победивме Литванија, е момент што вечно ќе остане за паметење. Андриј Шевченко и буквално ми позираше на легендарното финале во Лигата на шампионите во Истанбул меѓу Милан и Ливерпул, а секако не се заборава и мечот во Тбилиси, кога Македонија ја победи Грузија со 1:0 и се пласира на првото Европско првенство во фудбал во сениорска конкуренција. Младите на ЕП во Полска не направија среќни, а има и уште илјадници натпревари и моменти што ми се врежани во меморијата и, за среќа, ги имам и фотографирано. Можеби останува жал што не бев на легендарната скокалница Планица во Словенија, а бев таму на фудбалскиот меч меѓу Македонија и Словенија, кога паралелно се одржуваа скијачките скокови од Светскиот куп, но тоа ќе го оставиме за друга прилика“, раскажува Стојановски.

МАКЕДОНСКАТА ЧАРШИЈА ВО БУКУРЕШТ И НАСТАПОТ НА ЕП СЕ НЕПОВТОРЛИВИ

Неверојатни 200 и повеќе спортски настани му се вообичаена километража во една година, а посебно се гордее со низата од вкупно 12 европски и светски првенства во ракомет на кои работел со свои фотографии, а на нив настапувала и Македонија.

Беше директен сведок и на незаборавната кошаркарска одисеја на Бо Мекелеб, Перо Антиќ, Влатко Илиевски, Тодор Гечевски и останатите македонски кошаркарски јунаци кои го освоија четвртото место на ЕП во Литванија, но, сепак, вели дека фудбалот е број 1.

„Тоа што се случуваше во Букурешт лани на историскиот настап на Македонија на Европско првенство во фудбал, е неповторливо. Таква навивачка страст и љубов кон својата земја и инвазија од 6-7 илјади навивачи на едно место немало досега. Македонските навивачи беа во фокусот на фудбалска Европа во првата фаза од шампионатот. На толку луѓе што се собираа на мал простор во македонската чаршија во Букурешт немаше ниту еден инцидент речиси цела седмица, а поддршката и на стадионот беше феноменална. Со песна и радост го живнаа градот, а добија признанија од сите, пред сè, од домаќините, Романците.

Имало топ-атмосфера и во Вилнус, Келн, потоа во Ниш, Белград, Загреб… на кошарка и ракомет, но ова беше неповторливо кога се работи за патување и присуство на наши навивачи во странство“, вели Петр.

НАВИВА ЗА МИЛАН, ЛУДОТО ФИНАЛЕ ВО ИСТАНБУЛ МУ ДОНЕСЕ РАДОСТ, ПА ТАГА

Одамна е член на познатата навивачка група Комити, која го поддржува Вардар, а втора фудбалска љубов му е Милан.

Беше сведок на историското финале во Истанбул во 2005 година, веројатно и најдоброто во историјата на Лигата на шампионите, кога Милан загуби од Ливерпул на пенали, а притоа прокоцка предност од 3:0 по првото полувреме.

„И сега не можам да си објаснам што се случи и како Ливерпул успеа да го крене трофејот по негатива од 0:3. Единствено добро од тој меч што ќе го паметам е потегот на Шевченко, кој и буквално ми позираше при едниот од трите гола на Милан во првото полувреме. Потоа, за жал, тој го промаши последниот пенал, но сепак да се присуствува на таков меч беше врвно задоволство“, додава еден од најдобрите спортски фоторепортери во Македонија.

Има многу награди, а особено му е драга таа што ја доби во Белград за најдобра фотографија на фудбалски меч.

Тој е единствениот спортски фотограф што имал своја сопствена изложба на фотографии од спортот во Македонија, а тоа се случи во 2010 година. Следна дестинација ќе му биде Палермо и бараж-мечот меѓу Италија и Македонија на 24 март, како прва од двете фази за посакуваниот прв настап на нашата фудбалска репрезентација на Светско првенство.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести