Фрајбург на прагот на историја во Лига Европа, Порто не обезбеди предност против Нотингем Форест

Вечерва се одиграа трите први четвртфинални натпревари од Лига Европа, а во центарот на вниманието се најде Фрајбург, кој испишува историја со своите настапи.

Германскиот тим, кој никогаш досега не бил сериозен фактор во завршниците на европските натпреварувања, сега е на чекор до полуфинале. Пред својата публика, Фрајбург одигра фантастичен натпревар и убедливо ја совлада Селта Виго со 3-0.

Резултатот го отвори капитенот Винченцо Грифо уште во десеттата минута со мајсторски погодок. Предноста ја зголеми дефанзивецот Јан-Никлас Бесте во 32-та минута, а конечните 3-0 ги постави Матијас Гинтер по корнер, 14 минути пред крајот.

Одличен резултат пред реваншот обезбеди и Астон Вила, која како гостин ја совлада Болоња со 1-3. Англискиот тим поведе пред паузата преку Езри Конса, кој ја искористи грешката на голманот Федерико Равалија.

Во второто полувреме, Оли Воткинс зголеми на 0-2, додека Џонатан Роу внесе надеж за Болоња со погодок во 90-тата минута. Сепак, Воткинс повторно погоди во судиското продолжение и стави точка на натпреварот.

Најнеизвесно останува на дуелот меѓу Порто и Нотингем Форест, кој заврши 1-1. Двата гола паднаа во првите 13 минути, Вилијам Гомес донесе водство за Порто, а само две минути подоцна следеше комичен автогол на Мартин Фернандес, кој несмасно ја испрати топката во сопствената мрежа.

Со ваков исход, Шумарите задоволни се враќаат од Португалија, додека реваншите ветуваат нова драма во борбата за полуфинале.

- Оглас -

Најнови вести