Франција е во финале и ќе биде последна препрека за Меси да го реализира сонот на сите Аргентинци (Видео)

Франција ќе игра против Аргентина во големото финале на Светското првенство во Катар. Галските петли се изборија за место во финалето откако со 2:0 славеа над Мароко во полуфиналната пресметка.

Нецели пет минути беа доволни за Франција да поведе против Мароко, кога Тео Ернандес го матира Боно. Ова беше најбрз погодок во полуфинале на СП во последните 64 години.

Франција имаше шанса и за втор гол, но ударот на Жиру заврши во стативата. Пред крајот на првиот дел и Мароко ја погоди стативата и пропушти шанса да оди со нерешено на полувремето.

Во вториот дел Мароко тргна офанзивно. Неколку шанси имаа Мароканците, но не успеаја да го матираат Лорис. Казната за промашените шанси на Мароко стигна во 79-тата минута. Французите тргнаа во напад, Мбапе шутираше, топката се одби до Коло Муани, кој во игра влезе 30-тина секунди претходно и погоди за 2:0. Коло Муани едноставно беше на вистинско место во вистинско време.

Франција ќе ја брани титулата од пред четири години, а Аргентина ќе се обиде да стигне до третата титула, прва по пауза од 36 години.

- Оглас -

Најнови вести