Репрезентацијата на Франција не дозволи изненадување против Босна и Херцеговина и победи со 81:68 во меч од четвртото коло на Европското првенство во кошарка. Ова е трета победа на Франција, додека БиХ сега е со биланс од две победи и два порази.
Во првата четвртина беше израмнето (19:19), а во втората четвртина при водство на Босанците од 29:26, следуваше фуриозна игра на Галските петли од 18:5 и на полувреме заминаа со двоцифрено водство од 44:34.
Франција најголемото водство го имаше на средината од третата четвртина, кога беше 52:40, но БиХ не се предаде. На пет минути до крајот, Босна и Херцеговина стигна до водство од 61:59, но тимот немаше сили за добар финиш. При резултат 63:64, Франција направи низа од 15:2 и на крајот стигна до убедлива победа.
Победата на Франција значи дека Литванија останува со шанси да оди во осминафиналето, иако засега нема ниедна победа. Литванците вечерва играат против Унгарија и ако победат, во последното коло, во директен дуел со БиХ ќе решаваат за место во следната фаза.
Во денешните одиграни мечеви, Турција со 78:63 ја победи Белгија, Полска со пресврт славеше над Холандија со 75:69, а Естонија немаше никакви проблеми против Велика Британија со 94:62.