Десетина дена по завршување на Светското првенство во Катар кое заврши со триумф на Аргентина која во спектакуларното финале по подобро изведување на пенали ја совлада Франција, почнаа да излегуваат сè повеќе информации за лошата атмосфера во соблекувалната на Галските петли.
Атмосферата во француската репрезентација беше нарушена неколку дена пред финалето кога Карим Бензема одби да се врати во Катар и да настапи на натпреварот за титулата поради тензиите меѓу напаѓачот и селекторот Дидие Дешан, а следните потези на луѓето од Фудбалската федерација (ФФФ) дополнително ги налутила фудбалерите, пишува весникот „Ле Паризиен“.
Според весникот, ФФФ сакала да заштеди пари, и на дел од стручниот штаб на репрезентацијата „заборавила“ да им даде бесплатни телефони додека се во Катар, потоа одби да го плати украсувањето на делот од хотелот во кој биле сместени фудбалерите, а потоа на три дена пред финалето предизвикала дополнителна нервоза со планот за враќање во татковината.
Имено, на три дена пред финалето против Аргентина, фудбалерите предводени од Килијан Мбапе, дознале дека ФФФ за нив резервирала евтин авионски лет со Ер Португалија. Вендаш реагирале фудбалерите кои ги нападнале челниците на Федерацијата дека тие ништо не прават туку само се сликаат во Катар, и дека токму играчите се најзаслужни за успесите бидејќи тие играат на теренот.
„И донесовме милиони евра на Федерацијата со тоа што го освоивме второто место, а тие сакаа да не вратат назад со евтин лет. Тоа е јадно“, изјавил за „Ле Паризиен“, неименуван француски фудбалер.
Федерацијата попуштила под притисокот на репрезентативците кои во Париз се вратиле со авион на ЕР Франс, но за време на летот, луѓе кои не биле фудбалери, имале подобри седишта од самите играчи.