Франција и Португалија го одиграа најефикасниот меч во историјата на европските првенства во ракомет, Французите победија со 46-38. Освен тоа, Франција со 28-те голови во првото полувреме постави рекорд за број на голови на еден тим во едно полувреме на европските првенства.
Триколорите вторпат на ова ЕП даваат 46 гола на еден меч, тоа го сторија и против Украина.
Данска беше подобра од Шпанија со 36-31, па сега и Данците имаат 4 бодови, колку и Франција и Германија, но Германците вечерва против Норвешка имаат прилика пак да се осамостојат на чело на табелата во оваа пеколно тешка група во која до последното коло нема да се знае кои два тима ќе одат во полуфинале.

