Франција со убедливи 4-0 славеше над Исланд и со две победи го завршува првиот квалификациски циклус за ЕП 2020. Светските владетели на средбата во Париз немаа некои посериозни проблеми против амбициозните Исланѓани, па со головите на Умтити во 12-тата минута, како и на Жиру, Мбапе и Гриезман во вториот дел, осигурија нови три бода. „Триколорите“ броеја до четири и против Молдавија во првиот меч од квалификациите.
Англија во Подгорица допатува со една цел, да го одржи победничкиот ритам, па со високи 5-1 триумфираше над Црна Гора. Избраниците на Герет Саутгејт повторно постигнаа пет гола, откако во првиот квалификациски меч против Чешка славеа со 5-0.
Весовиќ изненади во 18-тата минута и им донесе предност на Црногорците, а потоа гостите од Отровот го започнаа гол-шоуто со погодокот на дефанзивецот Кин. Баркли во 39-тата минута се погрижи за Англија со водство од 2-1 да оди на паузата, а фудбалерот на Челзи одново се запиша во листата на стрелци во 59-тата минута, додека до крајот на мечот Кејн и Стерлинг ја тресеа мрежата на домаќинот.
Португалија и Србија ремизираа при конечни 1-1 на натпреварот кој се одигра во Лисабон. Гостите поведоа со голот на капитенот Тадиќ во седмата минута, кој беше прецизен од белата точка, а конечниот резултат го постави Данило на три минути пред крајот на првото полувреме. Во вториот дел домаќините доминираа и беа поблиску до водечки погодок, но Србија одолеа на бројните напади и успеа до крај да се одбрани.
Европскиот шампион поголемиот дел од средбата го играше без капитенот Кристијано Роналдо, кој поради повреда на задниот дел на бутниот мускул мораше да го напушти теренот по 28 минути игра. Ова е второ реми за Португалија во првиот квалификациски циклус, откако ремизираа без голови против Украина пред три дена.
Албанија на гости ја совлада Андора со 3-0, Косово и Бугарија ремизираа при конечни 1-1, Украина во судиското надополнување стигна до победа од 2-1 на гостувањето кај Луксембург.