Француската легенда критикува: „Каква порака им испрати Реал Мадрид на младите во светот со своето однесување?“

Легендарниот француски репрезентативец Кристоф Дугари жестоко го нападна Реал Мадрид за однесувањето пред финалето од шпанскиот Куп против Барселона. Дугари не штедеше зборови за да ги искритикува Kралевите, кои не бираа средства за притисок кон судиите, но на крајот останаа без трофејот.

„Сè уште се прашувам како најголемиот клуб на светот може да спроведе ваква кампања за притисок врз судиите пред натпреварот. Каква порака им испраќа Реал Мадрид на младите од светот? Мора да бидат казнети. Ако не бидат, тоа ќе биде катастрофа. Нема да биде изненадување ако младите почнат да се оддалечуваат од најпопуларниот спорт во светот бидејќи она што го прави раководството на клубот потсетува на улични правила. Намерно го газат фудбалот. Реал Мадрид го допре дното. Ова е срам за клубот. Изненаден сум од големиот притисок, клевети и лоши намери. Однесувањето на челните луѓе пред натпреварот беше страшно“, вели Дугари.

Кристоф Дугари беше дел од француската репрезентација која гo освои Светското првенство во 1998 и Европското во 2000, а во клупската кариера настапуваше за Бордо, Милан, Барселона и Марсеј.

- Оглас -

Најнови вести