18.8 C
Skopje
четврток, 11 септември 2025

Францускиот клуб веќе 31 година има ист тренер, а го ангажираа преку весник

Во пролетта 1994 година, македонската фудбалска репрезентација уште немаше одиграно ниту еден официјален натпревар, а тогаш еден мал клуб од северозападна Франција, кој се вика Див-Кабур, го ангажираше Филип Клеман за тренер и тој човек уште е на чело на тимот, иако помина дури 31 година.

Ова е редок пример во спортот некој толку долго да остане тренер на исто место.

Интересно е дека соработката помеѓу Клеман и клубот започна сосема случајно. Францускиот клуб објави оглас во еден од локалните весници, во којшто беа објавени слободни работни места, меѓу кои беше и позицијата главен тренер. Во тоа време Филип имаше само дваесет и нешто години, но реши да се јави и да си ја проба среќата.

Првично, раководството на Див-Кабур му понуди на Клеман да потпише договор со нив не како тренер, туку како фудбалер. Но, Филип покажа упорност и како резултат на тоа дојдоа до компромисно решение, договорено беше Клеман да биде и играч и тренер.

Тој играше како дефанзивец, но неговата играчка кариера не траеше долго. Доживеа сериозна повреда поради, која долго време беше надвор од игра. Ова негативно влијаеше врз резултатите на тимот, а самиот Клеман дојде до заклучок дека ќе биде подобро за него да се фокусира само на тренерската работа.

Иако немал позначајни резултати за да ја оправда довербата, тој сепак долго време е во клубот и никој не решил да го смени. За навивачите тренерот е култна, легендарна личност, поради што ниту една страна не сака да прави радикални промени без добра причина.

Тимот моментно игра во Националното првенство 3, кое е петто ниво во францускиот фудбалски лигашки систем.

Во април оваа година, Див-Кабур го одигра својот 1.000-ти официјален натпревар под водство на Клеман кој има 54 години и на добар пат е да го надмине достигнувањето на легендарниот Ги Ру, кој работеше во Оксер 40 години по ред.

Во Лига 1 која е елитната дивизија на францускиот фудбал, најдолг престој во моментов има Кристоф Пелисие, кој е на чело на Оксер само две години и десет месеци. Сите други, вклучувајќи го и Луис Енрике во првакот ПСЖ, работат на своите позиции многу помалку време.

- Оглас -

Најнови вести