Ракометните репрезентации на Франција и на Шпанија го започнаа Европското првенство според планот.
На отворањето на континенталниот собир, фаворитите за највисок пласман, Триколорите убедливо победија против Чешка со 42-28 и со два бода го стартуваа учеството во групата Ц.
Шпанците беа подобри од нашиот северен сосед Србија и славеа со 29-27.
Французите ја демонстрираа својата моќ уште во првото полувреме. Пранди, Наи и Фабрегас беа непремостлива енигма за противникот, а веќе во 15-тата минута водството беше 10-3. Следуваше период на поизрамнета игра, па на паузата се замина со резултат 20-14 во корист на фаворитот.
Во второто полувреме, момците на Гијом Жил продолжија во ист ритам. Дика Мем и Ричардсон се разиграа, носејќи двоцифрена предност. На крајот Франција славеше со убедливи 42-28.
Најпрецизни во редовите на победникот беа Наи, Пранди и Ричардсон со по шест гола, додека кај Чешка по пет постигнаа Широки и Солак.
Шпанците на полувреме имаа предност од 19-15. Кон крајот на дуелот Србија се погрижи за неизвесност, но, сепак, Црвената фурија стигна до победа на стартот на ЕВРО 2026.

