Европската фудбалска федерација (УЕФА) дозволи Милан да го одигра мечот против Комо далеку од Милано и Италија. Росонерите против Комо како домаќини ќе играат во Перт, Австралија.
Ова ќе биде првпат еден меч од Серија А да се игра надвор од Италија, и тоа не само надвор од земјата, туку и на најодалечениот континент. Дел од играчите не беа воодушевени од оваа одлука Милан да игра еден меч во Австралија.
Први се побунија француските интернационалци во составот на Росонерите. Адриен Рабио прв негодуваше, а сега на негова страна застана и неговиот сонародник, голманот Мајк Мењон.
„Целосно се согласувам со Рабио. Во ова време се заборава за премногу работи, а се мисли само на финансиите. Не разбирам зошто би оделе во странство за да одиграме меч од домашно првенство. Плус, треба да бидеме како домаќини таму, а вака сигурно ја губиме предноста на домашен терен. Имаме високи цели за оваа сезона и не смееме ништо да оставиме на случајноста“, рече голманот Мењон.
Милан нема да може да биде домаќин на Комо во предвидениот период според распоредот затоа што во тој период стадионот „Сан Сиро“ ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри, кои ќе бидат во Италија во периодот од 6 до 22 февруари.
Контра француските фудбалери во Милан застана претседателот на фудбалската лига, Луиџи де Сјерве.
„Рабио заборава дека фудбалерите заработуваат милиони и дека затоа се платени, да излезат на теренот и да играат фудбал. Треба да ги почитуваат парите кои ги заработуваат и да покажат повеќе разбирање кон својот работодавец, а тоа е Милан. Од Милан ја прифтија таа идеја и мечот ќе се игра во странство“, рече првиот човек на Серија А.