Французите рутински го решија Исланд и дојдоа на чекор до полуфинале на ЕП

Ракометната репрезентација на Франција го солада Исланд со 39:32 во второто коло од главната фаза на Европското првенство кое се одржува во Германија и дојде на чекор до пласман во полуфиналето.

Французите кои во главната фаза пренесоа два бода поради победата над Германија (33:30) во првата рунда, во првото коло ја совладаа Хрватска (34:32), а по триумфот над Исланд дојдоа до шест бода.

Вообичаено за Французите, тие на големите натпреварувања играат сè подобро како одминува времето и денеска не им дозволија на Исланѓаните ниту еднаш да бидат во водство. Единствено нешто што успеа Исланд да направи е во два наврати да го има нерешен резултат (1:1 и 4:4).

Триколорите со серијата од 4:0 ги презедоа работите во свои раце и поведоа со 8:4 и разликата ја одржуваа до крајот на првиот дел.

Во второто полувреме, во 36-та минута Франција по серијата од три гола во низа поведе со 22:16 со што ги реши дилемите околу победникот и рутински го приведе мечот до крајот за конечни 39:32.

Лудивик Фабрегас и Мелвин Ричардсон со шест гола беа најпрецизни кај Франција каде се истакна и Дика Мем со пет гола, додека кај Исланд Видарсон, Рикардсон и Кристјансон дадоа по шест гола.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести