Франција е најголемиот победник на денешниот ден на Летните олимписки игри во Токио бидејќи машките селекции на Триколорите во три екипни спортови успеаја да се пласираат во финалето. Тоа им појде од рака на кошаркарите, одбојкарите и ракометарите.
Одбојкарите убедливо ја победија Аргентина и ќе играат финале против Русите, ракометарите го совладаа Египет и си закажаа финале со Данска, додека најмногу мака имаа кошаркарите, кои дури во последна секунда ја осигурија победата над Словенија и ќе играат финале против САД, силен тим кој го победија на стартот на ЛОИ во групната фаза.
И ракометарките и кошаркарките од Франција може да играат финале.
Ваквата доминација на француските спортисти во екипните спортови утре може да ја повтори Србија. Србите играат полуфиналиња во ватерполо за мажи, кошарка за жени и одбојка за жени. Србите во ватерполо ќе се сретнат со Шпанија, а одбојкарките и кошаркарките против САД, па со оглед на силата на ривалите, може да се случи нашите соседи и да не се пласираат во ниту едно финале, иако посакуваат хет-трик, што би било фантастичен подвиг.