Фудбалската репрезентација на Русија е дел од баражот за пласман на Светското првенство во Катар, но многу веројатно е дека Зборнаја нема да биде дел од планетарниот собир.
По воената интервенција на Русија во Украина, започнаа многу спортски опструкции на сметка на Русија. Селекциите на Полска, Шведска и Чешка, кои се во бараж-делот во кој е и Русија, едноставно едногласно одбија да играат против Русија, дури и на неутрален терен.
Од ФИФА засега не дале свое размислување за целата ситуација, а на оваа тема се јави и претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел ле Грат. Тој побара Русија да биде исклучена од Светското првенство во Катар.
„Уште немаме разговарано со другите Федерации, но јас сум за исклучување на Русија од следното Светско првенство. Ова е мојот прв впечаток затоа што верувам дека спортот служи да ги смири луѓето и да ги зближи. Светот на спортот, а посебно на фудбалот не смее да остане неутрален во оваа ситуација. Нема да се противам ако Русија биде исфрлена од Мундијалот од Катар“, изјави првиот човек на Француската фудбалска федерација.
Одлука да не играат мечеви против руските селекции донесе и Англиската фудбалска федерација, со што само се зголеми притисокот на ФИФА да донесе радикален потег и да ги исфрли Русите од баражот за пласман на СП.
Последен пат една европска репрезентација да биде исфрлена од големо натпреварување се случи во 1992 година, кога на СФР Југославија не ѝ беше дозволено да биде дел од Европското првенство, па на нејзино место влезе Данска. Токму Данска кога влезе како замена за СФР Југославија, на крајот стана и европски првак.