Француската фудбалска репрезентација има фантастична генерација што го потврдува тоа со успесите во изминативе неколку години. Беа светски прваци во Русија 2018 година, а пред неколку месеци на Мундијалот во Катар стигнаа до финалето, но на пенали загубија од Аргентина.
Популарните Галски петли се сметаат за големи фаворити и за Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија. Лидер на оваа генерација е Килијан Мбапе, но постои еден проблем кога се работи за континенталниот репрезентативен собир следната година.
Новиот претседател на Француската фудбалска федерација, Филип Даило, потсети на планот што го има Мбапе, а тоа е настап на Олимписките игри, кои исто така ќе бидат следната година, а домаќин е Париз.
„Не е најважното натпреварување во фудбалот, но секако тоа е нешто кое сакате да го испробате во кариерата. Кога во 2012 година го гледав фудбалскиот турнир на Олимписките игри во Лондон, ја сфатив важноста на ова натпреварување. Тоа е искуство кое треба да се има барем еднаш во животот“, најавува Мбапе.
Во олимписките селекции правило е да има фудбалери до 23 години, но постои исклучок за тројца играчи да бидат постари од оваа возраст. Мбапе следната година ќе полни 25 години, што значи дека би бил во исклучокот од тие тројца играчи.
Проблемот е тоа што турнирот на Олимписките игри започнува од 24 јули и трае до 10 август. Стартот на ЛОИ е само 10 дена од завршувањето на Европското првенство во Германија. Континенталниот фудбалски собир ќе биде од 14 јуни до 14 јули, што значи дека едвај има 10 дена меѓу крајот на едниот и почетокот на вториот голем турнир.
Сезоната во француското првенство во 2024 година ќе започне на 16 август, што значи дека Мбапе ако реши да игра на ЕП, а потоа и на ЛОИ, едноставно ќе нема никаков одмор до стартот на новата сезона во првенството.
„Ќе биде тешко да се игра Европското првенство, па Олимписките игри, и потоа домашното првенство едно по друго, но ние имаме должност да освоиме медал на ЛОИ кои ќе бидат во нашата земја. Мора да го составиме најсилниот тим за тоа натпреварување“, вели првиот човек на Француската федерација.