Ако Дешан му прости на Бензема и го повика за ЕП, треба ли и Ангеловски да го повика Јаховиќ?

Селекторот на Франција, Дидие Дешан, вечерва ќе ја објави листата од 26 играчи за ЕП, а во повеќе релевантни медиуми се појавија најави дека на списокот ќе биде и Карим Бензема, кој е можеби и најдобриот француски фудбалер во моментов.

Бензема има 81 настап и 27 гола за Триколорите, но последен пат играше во октомври 2015 година, пред обелоденувањето на аферата дека го уценувал колегата Матје Валбуена со порно снимки.

Селекторот Дешан пет години не ни помислуваше да го повика Бензема во националниот тим, повеќе пати велеше дека вратата на Карим е затворена додека е тој селектор, но притисокот врз Дешан се зголеми во последните месеци, после одличните игри на Бензема во дресот на Реал Мадрид. Франција и без Бензема стана светски првак, во нападот имаат феноменални играчи како Мбапе, Гризман, Жиру, Бен Једер, Марсијал, но според формата, искусниот Бензема веројатно е број 1 и ќе биде големо засилување за тимот.

Бензема вчера доби награда за најдобар француски фудбалер кој настапува во странство, останува да се почека до вечер да се види дали Дешан сепак ќе попушти и ќе го повика Бензема. Ако се случи тоа, и кај нас може да се отвори прашањето околу сличниот случај на Игор Ангеловски со Адис Јаховиќ. Неспорно е дека Јаховиќ би бил плус за репрезентацијата на ЕП, особено по повредата на Илија Несторовски, но селекторот треба да реши дали ќе му прости или не.

- Оглас -

Најнови вести