Легендарниот Џанлуиџи Буфон потврди дека се повлекува од функцијата шеф на делегацијата на италијанската репрезентација по оставката на претседателот на Федерацијата, Габриеле Гравина.
Аѕурите по третпат по ред се надвор од Светско првенство, а Буфон изјави дека една секунда по фаталниот натпревар со БиХ ја поднел својата оставка, но бил замолен да почека со официјалното соопштение. Откако претседателот Габриеле Гравина го направи својот чекор порано денеска, и поранешниот голман објави дека сега се чувствува слободен да дејствува одговорно и да ја напушти својата позиција.
Буфон, кој ја држеше функцијата шеф на делегација од летото 2023 година, ја опиша својата одлука како итен чин диктиран од болката од неуспехот. Иако изрази доверба во тимот што го изгради заедно со селекторот Џенаро Гатузо, тој нагласи дека главната цел – квалификација за Светското првенство – не е постигната.
Легендата додаде дека е исправно да се остави идното раководство на Федерацијата да ја избере личноста што ја сметаат за најсоодветна за оваа улога. Во меѓувреме, се очекува и Џенаро Гатузо да го следи примерот на своите колеги и да ја напушти селекторската функција, со што ќе се комплетира целосното расклопување на сегашната управувачка структура во националниот тим.
Како иден претседател на Федерацијата се спомнува 82-годишниот Џани Ривера, кој е еден од најдобрите италијански фудбалери во историјата, а Роберто Манчини, со кого станаа европски прваци во 2021, изјави дека е убеден дека ќе се врати на селекторското место и шансите ќе му бидат големи ако Џовани Малаго биде прв човек на Федерацијата.

