Романскиот првак ФЦСБ остана без еден од најдобрите фудбалери, Мариуш Стефанеску, непосредно пред утрешниот реванш-меч против Шкендија во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.
Контроверзниот сопственик на ФЦСБ, Џиџи Бекали, по првиот натпревар и поразот на тимот од Шкендија во Скопје, во телевизиско обраќање во живо најави дека двајца играчи, Стефанеску и Перијану, ќе бидат исфрлени од составот.
„Тие немаат место во ФЦСБ. Ќе бидат избришани од списокот за Европа“, рече тогаш Бекали, разочаран од нивниот настап.
Само неколку дена подоцна, ветувањето е исполнето, Мариуш Стефанеску и официјално потпиша со турскиот прволигаш Коњаспор во трансфер вреден 300.000 евра. Таму ќе му се приклучи на македонскиот репрезентативец Енис Барди, а Стефанеску денеска треба да ги помине медицинските прегледи во новиот клуб.