Саудискиот клуб Ал-Итихад уште во тековниов преоден рок тргнува по потписот на Анхел Кореа од Атлетико Мадрид. Освојувачот на Светското првенство во Катар со Аргентина, според најавите, е заинтересиран за таквиот трансфер, а Атлетико Мадрид нема да има ништо против да го ослободи за соодветно обесштетување.
На „Ванда Метрополитано“ веќе размислуваат за неговата замена, а најсериозен кандидат е уште еден Аргентинец кој беше дел од успехот во Катар. Се работи за Тијаго Алмада, кој на Светското првенство одигра само шест минути против Полска, но сега е капитен на олимписката репрезентација на Аргентина. За овој фудбалер интересно е тоа што никогаш нема играно во Европа, а откако настапуваше за матичниот Велес Сарсфилд, направи трансфер во МЛС-лигата, во екипата на Атланта. Се чини дека овој трансфер беше полн погодок за фудбалерот бидејќи се профилираше како еден од најдобрите во лигата, а неговата моментална вредност е 27 милиони евра.