Фудбалер на Ѓургарден е убеден дека се повредил поради црна магија

Мохамед Баја Туреј, напаѓачот на шведскиот првак Ѓургарден и репрезентативец на Сиера Леоне, тврди дека се здобил со повреда на ногата поради црна магија. Туреј не сакајќи да го открие идентитетот на личноста во која се сомнева дека му фрлила клетва, вели дека сето тоа е направено од љубомора поради неговиот успех во шведското првенство, каде што сезонава ја заврши како најдобар стрелец, покрај освоената титула.

Повредата ја забележал за време на изминатава репрезентативна пауза, не можејќи да настапи во вториот меч за Сиера Леоне против Бенин. Туреј се пожалил на медицинскиот тим, меѓутоа тие не можеле да ја најдат причината за болките во ногата, а откако разговарал со своето семејство, го посоветувале да се обрати на народен лекар.

„Речиси закрепнав, но никако не можам да разберам од каде е оваа повреда. Ниту некој ми стапна на нога, ниту пак почувстував болки за време на тренинзите и натпреварите. По мечот со Лесото, кога се вративме во хотелот првпат почувствував дека прстот ме боли, а како што изминуваа деновите, болката се рашири на целата нога“, изјави Туреј за Би-би-си.

„Им се пожалив и на нашите лекари, меѓутоа и тие не можеа да ја најдат причината, па му се обратив на моето семејство кое ме советуваше да посетам народен лекар. Бидејќи претходно сум слушнал за вакви слични работи, одлучив да го сторам тоа, а лекарот ми кажа дека најверојатно се работи за црна магија. Ми кажа дека сум стапнал на некаков маѓепсан предмет преку кој ми се префрлила клетвата со цел да не можам да закрепнам и принудно да ја завршам кариерата“, додаде репрезентативецот на Сиера Леоне.

- Оглас -

Најнови вести