Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијан Ериксен, најави дека налето си заминува од „Олд Трафорд“ откако никој од клубот не го контактирал за продолжување на договорот, кој му истекува на крајот од оваа сезона.
„Договорот ми истекува налето и подготвен сум за нешто ново. Тоа ми одговара во овој момент. Никој не ме контактираше за продолжување на договорот. Затоа претпоставувам дека соработката е завршена, барем јас така мислам“, рече Ериксен.
Данскиот фудбалер стана познат откако се сруши на мечот од Европското првенство против Финска, а потоа беше откриено дека има проблеми со срцето. Сепак, се врати на терените и играше за Брентфорд, пред да се пресели во Манчестер јунајтед.
„Ќе почекам. Уште е рано, сакам да видам какви понуди ќе добијам. Нема да носам избрзани одлуки, но ако дојде вистинската понуда, сакам да ја искористам. Не сум врзан да останам во Англија“, додаде Данецот во врска со својата иднина.