Фудбалерите дефинитивно нема да играат на ораница, в понеделник започнува поставувањето на хибридна трева на Арената „Тодор Проески“

В понеделник ќе започне поставувањето на нова современа тревната подлога на Националната арена „Тодор Проески“, а фудбалската репрезентација на Македонија хибридниот терен ќе го сефтоса на 20 ноември, во дуелот од последното квалификациско коло за пласман на ЕП 2024 против Англија.

Предвидено е на Арената „Тодор Проески“ да се постави хибридна трева, а тоа значи дека 70 отсто од тревата ќе биде вештачка, а 30 отсто ќе биде природна со посебна дренажа.

Владата на Македонија на редовната седница во вторникот донела одлука да се прифати донацијата од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во вредност од околу 400.000 евра за реконструкција на теренот со цел да се избегне невиден срам и фудбалерите да мора да играат во друга земја против Англија.

Македонија и теренот на Арената „Тодор Проески“ се најдоа во светските медиуми на септемврискиот дуел против Италија, во квалификациите кога целата европска фудбалска јавност виде дека теренот повеќе личи на ораница на којшта треба да се играат меѓународни натпревари од највисок ранг, и тоа против актуелен европски и четирикратен светски шампион.

Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кој е задолжено за одржување на теренот вината наместо во своите редови, ја најде во некаков паразит кој ја јадел тревата, но срамот што го доживеа Македонија не успеа да го испере.

 

- Оглас -

Најнови вести