Тројца фудбалери и еден член на стручниот штаб на прволигашот Гостивар се соочуваат со сериозни правни последици откако СВР Охрид денеска објави дека против нив се поднесени кривични пријави за спречување и напад врз полициски службеници за време на службена интервенција.
Инцидентот се случил на 19 април во Струга, веднаш по натпреварот со Струга Трим Лум, кога осомничените — А.А. (31) од Германија, А.Д. (25) од Сенегал, Ш.Т. (25) од Турција и Е.Д. (28) од Гостивар – со физичка сила, влечење и оттурнување се обиделе да ги спречат полицајците во интервенција поврзана со тепачка и нарушување на јавниот ред и мир.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, информира дека сите четворица се соочуваат со пријави за кривични дела „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“ и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. Лицата биле приведени веднаш по натпреварот.
Клубот Гостивар одлучи да се повлече од натпреварувањето во Првата лига, откако претходно го повлече тимот и не го доигра натпреварот против Работнички.