Фудбалерите на Манчестер сити наместо дома, спиеја во тренинг-центарот

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, одлучил играчите на тимот да преноќат во тренинг-базата пред денешниот натпревар од Премиер лигата со Евертон.

Вообичаено, на божиќната ноќ играчите се дома со своите семејства, но Гвардиола сака да ја прекине серијата порази на тимот (девет порази во последните 12 натпревари во сите натпреварувања), па по синоќешниот тренинг тимот останал да спие во тренинг-базата.

Денеска мечот со Карамелите се игра од 12.30 часот по локално време и Гвардиола проценил дека е подобро да останат да спијат заедно во трениннг-базата, а дома ќе одат во доцните попладневни часови.

Граѓаните се во криза во каква што никогаш не биле откако ги води Гвардиола, а шпанскиот стручњак се плаши дека е можно тимот да остане без место во Лигата на шампионите за следната сезона. Сити 14 години по ред е дел од европската елита, а во моментов е на седмото место на премиерлигашката табела.

„Луѓето велат дека не е голем успех пласманот во Лигата на шампионите, но јас мислам поинаку знаејќи што им се случуваше на клубовите во оваа земја. Има тимови коишто доминираа со години, а потоа ги гледаме како долги години не можат да се пласираат во ЛШ. Единствен англиски тим последниве години кој редовно е во ЛШ сме ние. Сега сме во ризик таа серија да заврши, дефинитивно сме во ризик“, вели Гвардиола.

- Оглас -

Најнови вести