Во редовите на Сантос расте незадоволството од однесувањето на Нејмар, објави бразилскиот „Глобо Еспорте“. Според информациите, дел од фудбалерите и вработените во клубот се изнервирани од ставот на ѕвездата, кој во одредени ситуации бил доживеан и како понижувачки.
Напнатоста особено се зголемила по натпреварот со Фламенго (3-2), кога Нејмар покажал јасно незадоволство од играта на тимот и реакциите на некои соиграчи. Дополнително, неговото демонстративно заминување директно во соблекувалната при замената било лошо прифатено од останатите.
Во соблекувалната сметаат дека во моментов Нејмар не придонесува доволно за колективот и дека неговото однесување негативно влијае на атмосферата во тимот. Самиот фудбалер се извинил пред групата, објаснувајќи дека неговите реакции биле насочени кон судиите, а не кон соиграчите.
Темата за иднината на бразилскиот напаѓач останува отворена, бидејќи неговиот договор со Сантос истекува за неколку недели, па клубот наскоро треба да реши дали ќе го задржи. Во моментов, Сантос се наоѓа во зоната за испаѓање, а до крајот на сезоната има уште пет кола, со еден натпревар помалку од конкурентите.

