Фудбалерите на Тотенхем одлучија да им ги рефундираат парите на навивачите кои на „Сент Џејмс парк“ во живо ја следеа историската бламажа и поразот од 6:1 против Њукасл.
„Како тим ги разбираме вашите фрустрации, вашиот гнев. Не беше доволно добро. Знаеме дека зборовите не се доволни во ситуации каква што е оваа, но верувајте ни дека многу нè боли пораз како овој. Ја цениме вашата поддршка и имајќи го предвид тоа, би сакале на навивачите кои присуствуваа на „Сент Џејмс парк“ да им ги надоместиме трошоците. Знаеме дека тоа не менува многу, но ќе дадеме сè од себе да ги поправиме работите против Манчестер јунајтед в четврток навечер, кога вашата поддршка ќе ни значи. Само заедно можеме да ги покренеме работите на подобро“, стои во соопштението напишано од фудбалерите на Тотенхем.
The players have a message for our fans who went to Newcastle on Sunday… pic.twitter.com/HFfmo8R2iH
— Tottenham Hotspur (@SpursOfficial) April 25, 2023
Тотенхем во неделата, само по 21 минута игра, губеше со неверојатни 5:0, а за првпат во клупската историја имаше негатива од 3:0 само по девет минути игра.
Хари Кејн во второто полувреме го постигна единствениот гол за Тотенхем, но тоа не беше доволно да се ублажи катастрофата. Со поразот, Тотенхем драстично ги намали шансите за освојување на четвртото место на табелата, кое носи во Лигата на шампионите, а сметката ја плати тренерот Кристијан Стелини, кој доби отказ.