Првиот човек на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ, реши жестоко да ги казни фудбалерите по очајниот настап против Брага и поразот од 2-0 во третото коло на Лига Европа.
Иако резултатот беше 2-0, најмногу болка за навивачите предизвика проблематичниот пристап на тимот кон натпреварот. Настапот на екипата беше толку разочарувачки што покрај критиките од навивачите, раководството одлучи да реагира и со финансиски казни.
По овој меч, секој од фудбалерите на Црвена ѕвезда доби казна од 10.000 евра поради лошиот пристап и несериозниот однос кон дресот на клубот. Терзиќ оваа одлука им ја соопштил на денешниот тренинг, а играчите ја прифатија.
Прашање е дали оваа казна ќе има ефект пред натпреварот против францускиот Лил, кој ќе се игра на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград на 6 ноември.

