Екипата на Жирона и по второто коло останува без бодови во Лигата на шампионите откако нејзините фудбалери буквално сами се победија на мечот против Феенорд. Два автогола и еден нереализиран пенал беа доволни за клубот од Каталонија да загуби од холандскиот претставник со 2-3.
Мечот започна одлично за Жирона, која преку Лопес дојде во водство, но гостите до Холандија до полувремето направија комплетен пресврт и на паузата заминаа со водство од 1-2.
Во вториот дел, Бојан Миовски изнуди пенал во 67-мата минута, но македонскиот репрезентативец не успеа да го постигне својот деби гол во дебитантскиот настап во Лигата на шампионите. Голманот на Феенорд, Веленојтер го одбрани неговиот удар. Сепак, само седум минути подоцна, Дони ван де Бек успеа да постигне гол за 2-2, но и тоа не беше доволно за Жирона да се спаси од пораз. Ладислав Крејцл во 79-тата минута си постигна автогол и ги постави конечните 2-3 на овој меч.
На вториот натпревар од воведните два меча од денешната програма, Аталанта лесно и убедиво го победи Шахтар Доњецк на неутрален терен во Гелзенкирхен. Головите за членот на Серија А беа дело на Берат Џимшити, Адемола Лукман и Раул Беланова.
Фудбалерите на Аталанта победата ја најавија уште по првите 45 минути, кога имаа водство од 0-2, а во вториот дел само рутински го приведоа мечот кон крајот и веќе имаат четири бода по два меча во Лигата на шампионите.